Препораки од ИЈЗ по појавата на птичји грип

Институт за јавно здравје (ИЈЗ)

По појавата на птичјиот грип во Зоолошка градина во Скопје, од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат да се избегнува контакт со болни или мртви животни, контакт со животни во фарми и пазари за животни, влегување во области каде може да се колат животните, контакт со какви било површини што се чини дека се контаминирани со животински измет, колење или јадење болни животни. Од ИЈЗ истакнуваат дека речиси сите случаи на инфекција со вирусот се поврзани со близок контакт со заразени живи или мртви птици.

„Иако можеби имало некои случаи кои не биле откриени, се чини дека вирусот не заразува лесно луѓе и не се шири од човек на човек, врз основа на сегашното знаење и разбирање на оваа болест“, велат од Инситутот.

Периодот на инкубација за инфекција птичјиот грип или инфлуенца A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена. Инфекцијата со вирусот може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна. Смртноста е до 50 проценти, појаснуваат од ИЈЗ.

Првичните симптоми примарно се респираторни, со покачена температура, треска и кашлица, но може да се јават и нереспираторни симптоми. Симптомите на горниот респираторен тракт - течење на нос и болки во грлото можеби не се вообичаени кај сите пациенти, но, болеста може да напредува до респираторна инсуфициенција, акутен респираторен дистрес синдром (ARDS) и повеќеорганска инсуфициенција.

Од ИЈЗ потенцираат дека заболените треба да се менаџираат правилно за да се спречат тешки болести и смрт.

Видете и ова: Птичји грип - ризикот мал, политизацијата голема

Доколку некој смета дека можеби има птичји грип, веднаш треба да се побара медицинска помош ако се има симптоми слични на грип како треска, кашлица и тешкотии при дишење, или конјунктивитис или други необјаснети симптоми. Да се информира лекарот на лицето за каква било изложеност на болни или мртви животни.

„Следете ги добрите практики за безбедност на храната како што се избегнување на потрошувачката на сирово млеко, јајца и месо. Одржувајте колективна и лична хигиена, вклучително и редовно миење раце со сапун и вода. Лицата со професионална експозиција треба да ги следат протоколите за работа, како и мерките за превенција поврзани со работното место“, препорачуваат од ИЈЗ.

Откако угина гуска во езерцето во скопската Зоолошка градина потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип H5N1.

Епидемиолошка анкета е направена кај 15 вработени во Зоолошката градина. На четири лица им се издадени решенија за здравствен надзор.

Уште еден вработен треба да се тестира денеска (21 октомври) откако пројавил симптоми на покачена температура и дијареа. Препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите се дека тестирањето треба да се спроведе по пет дена од појава на први симптоми.