Како Јавен обвинител на Република Северна Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ, се вели во писмената изјава на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
Тој вели дека контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а според него обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немале ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон.
„Од позиција на државен Јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам“, вели Коцевски и додава:
„Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само ми потврдува дека ја преземам исправната работа и од тоа немам намера да отстапам. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да ме натера да се повлечам. Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи! “, се вели во изјавата на обвинителот Коцевски.
Видете и ова: По 180 нови предмети годишно во просек добива секој обвинителИнаку, претходно вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи тврдеше дека државниот обвинител Љупчо Коцевски наводно му рекол да внимава каква одлука ќе се донесе за предметот со бонусите на СЈО бидејќи партијата ВМРО-ДПМНЕ која поднесе жалба за одлуката на обвинителството раководено од Ислам Абази, не била оштетена странка.
Коцевски додава дека до крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение.