Најмалку 73 лица загинале во нови напади во Газа, Израел ги оспорува бројките

Беит Лахиjа во северна Газа по нападот од минатото лето, 12 јуни 2024 година.

Најмалку 73 лица, меѓу кои жени и деца, загинаа во израелски напад врз градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, според властите контролирани од Хамас, организација која Соединетите Американски држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја означија како терористичка организација.

Десетици други се повредени, а многумина сè уште се заробени под урнатините по бомбардирањето што се случи доцна во саботата, додадоа официјални лица, пренесува Би-би-си.

Израел изјави дека ги проверува извештаите за жртви, но посочуваат дека бројките што ги објавија властите во Газа се „претерани“ и дека не се совпаѓаат со податоците со кои располага армијата.

Имаше извештаи и за борби во јужен Либан, како и во јужен Бејрут во неделата наутро, а над градот се издигна чад.

Видете и ова: Властите во Газа ги обвинуваат израелските сили за напад врз болница

Прес-службата под контрола на Хамас известува дека бомбардирањето во Беит Лахија погодило „преполни“ станбени области, при што загинале 73 лица, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа.

Би-Би-Си не можеше независно да ги потврди овие бројки.

Според палестинската медиумска агенција Вафа, во нападите бил уништен целиот станбен комплекс.

Војната започна по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени приближно 1.200 луѓе, а 251 завршија во Газа како заложници. Како одмазда, Израел вети дека ќе го уништи Хамас.