Министрите за одбрана од Групата седум напредни економии (Г7) ветија дека ќе го поддржат „неповратниот пат“ на Украина кон евентуалното членство во НАТО и ветија континуирана воена поддршка „на краток и долг рок“ додека Киев се бори против руската инвазија.
Лидерите на Г7, исто така, ја осудија Москва за нејзината воена агресија, како и за употреба на „хибридна војна“ и „неодговорна нуклеарна реторика“, објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа(РСЕ).
„Ја нагласуваме нашата намера да продолжиме да обезбедуваме помош за Украина, вклучително и воена помош на краток и долг рок“, се вели во заедничката изјава на групата Г7 по Самитот во Неапол.
„Ја поддржуваме Украина на нејзиниот неповратен пат кон целосна евроатланска интеграција, вклучително и членство во НАТО“, се додава во изјавата.
Италија, која претседава со Г7 во 2024 година, беше домаќин на состанокот на кој учествуваа САД, Канада, Франција, Велика Британија, Германија и Јапонија и претставници на Европската унија и на НАТО.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеро, кој присуствуваше на настанот, „изрази благодарност за континуираната поддршка во борбата против руската агресија“, соопшти неговиот кабинет.
Од февруари 2022 година, кога испрати десетици илјади војници преку границата за да ја нападнат Украина, рускиот претседател Владимир Путин постојано навестуваше и се закануваше дека Русија е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал -најголем во светот - за да се одбрани.