Скопската Зоолошка градина ќе остане затворена 21 ден, АХВ потврди птичји грип

Северна Македонија - работник во заштитна облека во ЗОО Скопје за време на ковид-пандемијата, илустративна фотографија

Потврден е случај на присуство на виосокопатоген сој на вирусот на птичји грип H5N1 во Зоолошката градина во Скопје(ЗОО), соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство на 19 октомври, откако претходно од ЗОО објави дека „инспектори на АХВ без налог, решение или каков било друг доказ упаднале во Зоолошка и убиле неколку десетици птици“.

Зоолошката градина 21 ден ќе биде затворена за посетители, потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство. ​

Резултатот за присуство на птичји грип е добиен од Факултетот за ветеринарна медицина, по лабораториско тестирање на угината гуска.

„Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија од АХВ.

Видете и ова: Птичји грип причина за уништување на 750 илјади кокошки во Чешка

Агенцијата наредила и мерки за дезинфекција, испитување на другите птици присутни во зоолошката градина, зголемување на биосигурносните мерки и други мерки, со цел да се сузбие болеста и да се спречи нејзино ширења надвор од ЗОО.

Од Зоолошката градина пак, во објава на социјалната мрежа Фејсбук, најавија дека ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ, инспекторите и „лицата кои со оружје упаднале во ЗОО - Скопје“.

Во објавата ЗОО Скопје посочува дека „целта е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затворање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот“.

Последните случаеви на птичји грип во Северна Македонија беа во 2022 година, во населените места Градец, Лески и Виница, местото Селце во општина Штип и во близина на Злокуќани, општина Карпош.

Вирусот може да предизвика големи загуби во живинарската индустрија и ограничувања во увозот и извозот на живи птици и производи од живина.

Дивите птици се познати како резервоари за вируси на птичји грип, главно од ниско патогени соеви.

Високопатогените соеви вирусот се патогени за живината, но како зооноза болеста може да се пренесе и на луѓето.

Досега не е докажан случај на пренос на високопатоген сој од живина на луѓе иако е повеќе години во циркулација
во земјите од ЕУ, соопштија од АХВ.