Ова е добар ден за Израел, за САД и за светот, стои во изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, по информацијата дека е мртов Јахја Синвар, лидерот на палестинското движење Хамас, поддржано од Иран, а кое САД и Европската унија го прогласија за терористичка организација.
„Како лидер на терористичката група Хамас, Синвар беше одговорен за смртта на илјадници Израелци, Палестинци, Американци и граѓани од над 30 земји. Тој беше мозокот на масакрите, силувањата и киднапирањата на 7-ми октомври“, се вели во официјалната изјавата од Белата куќа.
Американскиот претседател потсетува дека на 7 октомври беа убиени 1.200 луѓе, меѓу кои 46 Американци и вели дека тоа е најсмртоносниот ден за Евреите по холокаустот. Меѓу 250 кои беа земени како заложници, а 101 се уште се водат како исчезнати има и седум Американци. Според Бајден, за четворица од нив се верува дека уште се живи.
„За моите израелски пријатели, ова без сомнение е ден на олеснување и сеќавање, слично на сцените на кои се гледаше низ Соединетите Држави откако претседателот Обама нареди рацијата да се убие Осама Бин Ладен во 2011 година. Израел го имаше целосното право да го елиминира раководството и воената структура на Хамас. Хамас повеќе не е способен да спроведе уште еден 7 октомври“, вели американскиот претседател.
Видете и ова: Кој е водачот на Хамас, Јахја Синвар?Тој соопшти и дека наскоро ќе разговара со премиерот Нетанјаху и другите израелски лидери за да им честита, но и за да разговара за патот за враќање на заложниците дома и за ставање „крај на оваа војна, еднаш засекогаш“.
Според него, сега постои можност за „ден потоа“ во Газа без Хамас на власт и за политичко решение кое обезбедува подобра иднина за Израелците и Палестинците.
„Јахја Синвар беше непремостлива пречка за постигнување на сите тие цели. Таа пречка повеќе не постои. Но, многу работа останува пред нас“, порачува американскиот претседател.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац денеска (17 октомври) објави дека Синвар бил убиен за време на воените операции во Појасот Газа.
Синвар е осомничен дека наводно го организирал смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Нападот без преседан ја предизвика израелската војна во палестинската енклава.
Тој стана главен лидер на Хамас, по атентатот на Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на групата, кој беше убиен во Техеран на 31 јули во наводен израелски напад.