МАНУ: Не се занимаваме со партиски дискусии, има само една Академија

Македонска академија на науките и уметностите, архивска фотографија

Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност, односно со работи во доменот на Законодавниот дом и на државните институции, се наведува во соопштението од МАНУ во однос на најавите од некои политички партии за основање на академија на етничките Албанци во Македонија.

„Во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање на т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (Академија за архитектура, Академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање на паралелни национални академии“, се подвлекува во соопштението од Претседателството на МАНУ.

Реакцијата на МАНУ доаѓа откако градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, кои се од коалицијата „Вреди“, на 15 октомври, во Тетово, најавија дека ќе го финансираат работењето на здружението - Албанска академија на науките и уметностите.

Видете и ова: Мицкоски: Постои една Академија на науките и уметностите

Академиците велат дека МАНУ секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност. И дека од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници.

Против иницијативата на градоначалниците од Вреди се огласија владејачка ВМРО-ДПМНЕ и опозициските СДСМ и ДУИ.

Премиерот, Христијан Мицкоски кој е и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека советниците од оваа партија нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена. Тој вчера (16 октомври) порача дека постои само една Академија на науките и уметностите.