Ривалски групи на православни верници се судрија во Черкеси, Украина

Фотографија на Службата за безбедност на Украина од ноември 2022 година, кога беше објавено дека при увид во просториите на Украинската православна црква на Московската патријаршија, пронајдена е проруска литература за настава во црковните училишта.

Верници од православните цркви во централниот украински град Черкаси се судрија откако соборната црква Свети Михаил, украинска православна црква на Московската патријаршија, беше предадена на Православната црква на Украина.

Во август оваа година, Парламентот на Украина усвои закон за забрана на Руската православна црква во Украина.

Околу 100 маскирани лица насилно упаднаа во црквата, која беше гарнизонска црква на украинските вооружени сили, за време на ноќната литургија на 17 октомври, јавува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Инцидентот ескалирал во физички конфликт меѓу верници од ривалските цркви.

Тензиите околу црквата Свети Михаил се случуваат додека Украина се обидува да го ослабне влијанието на Украинската православна црква на Московската патријаршија, која историски била поврзана со Руската православна црква.

И покрај прогласувањето независност од Москва во 2022 година, украинските власти и понатаму се сомневаат во оваа црква поради нејзиниот наводен проруски став.

Видете и ова: Поддршката на МПЦ - ОА за проруската Украинска црква не е изненадување

Во судирите се повредени неколку лица, изјави Зоја Вовк, портпарол на Националната полиција во регионот Черкаси. Вовк потврди дека е отворена истрага за „хулиганство“.

Претставници на Украинската православна црква на Московската патријаршија, наводно, ги пробиле влезните порти и фрлиле солзавец врз групата верници на Православната црква на Украина.

Сведоците рекоа дека свештениците и верниците на Украинската православна црква на Московската патријаршија се забарикадирале во црквата и ги спречиле другите да влезат.

Видете и ова: Украинските пратеници усвоија закон за забрана на религиозни групи поврзани со руската црква

Дописникот на РСЕ јави дека конфликтот завршил дури по пристигнувањето на полицијата и активистите.

На крајот се одржа богослужба на украински јазик.

Украина се обидува да се дистанцира од руската црква од 2014 година, а напорите се забрзани по руската инвазија од 2022 година.