Во Специјалниот суд во Белград, денеска (17 октомври) заврши сведочењето на малолетниот К.К. кој изврши масовно убиство на 3 мај 2023 година во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“. Тој беше повикан како сведок во постапката против неговите родители Миљана и Владимир Кецмановиќ.
Како и на претходното рочиште, на 8 октомври, сослушувањето на К.К. беше затворено за јавноста.
По судењето, Огњен Божовиќ, застапник на семејствата на оштетените во изјава за новинарите, како што јави Н1, рече дека неговиот впечаток е дека судењето било „прилично емотивно“.
„Мислам дека сме соочени со загатка која треба да се состави со помош на обвинителството, судот, но можеби и здравствените и социјалните институции, за да се решат главните прашања што го мачат српското општество во врска со 3 мај, односно зошто и како се случи ова, што сакаше да постигне и верувам дека ова што го слушнавме денеска ќе биде важен чекор кон тоа“, рече Божовиќ.
Тој додаде дека продолжението на судењето во кривичната постапка е закажано за 1 ноември.
На претходното рочиште каде даде исказ на 8 октомври, малолетниот К.К. одговараше на прашањата на Обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на оштетените.
Видете и ова: Малолетникот кој уби соученици во „Рибникар“ сведок на судењето на неговите родителиНа 03 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик во ОУ „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и чуварот на училиштето. Тој рани уште пет ученици и еден наставник.
Малолетниот К.К., откако го изврши масовното убиство, беше во психијатриска клиника, од каде беше донесен на распит во Специјалниот суд.
Во ноември 2023 година, Високиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето почна во јануари 2024 година.
Таткото цело време е во притвор, а на мајката пред една година и е изречена забрана за приближување и комуникација со синот, што уште е во сила. Обвинети се и сопственик и инструктор на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик научил да пука со својот татко.
Напаѓачот не одговара пред законот, бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години.