Лидерите на Европската Унија се состанаа во четврток (17 октомври) во Брисел за да разговараат за нерегуларната миграција со која се соочува Унијата, различните ставови за конфликтот на Блискиот Исток и континуираната поддршка за Украина разурната од војна.
Миграцијата е спорно прашање во Унијата со години.
Во ситуација кога во неколку земји од ЕУ се бележат низа изборни успеси на екстремно десничарските партии и во услови на променет безбедносен амбиент, одредени земји заземаат се порестриктивни позиции, пишува ДПА.
Полска неодамна објави планови за привремено суспендирање на правото на азил, обвинувајќи ги Русија и Белорусија дека испраќаат мигранти на границата на Полска, која е и надворешна граница на ЕУ, со цел да се дестабилизира ЕУ и да се поткопа нејзината безбедност.
Германија повторно воведе гранични контроли на другите земји-членки на ЕУ по смртоносниот напад со нож во западниот град Солинген и откако екстремно десничарската опозициска партија Алтернатива за Германија (АфД) постигна големи резултати на регионалните избори.
Се очекува европските лидери да разговараат за вклучување на земјите кои не се членки на ЕУ во процесуирањето на нерегуларните мигранти, откако Италија оваа недела објави дека првите мигранти биле донесени во новите центри за азил во Албанија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претходно оваа година, земјите-членки на ЕУ се согласија на голема реформа насочена кон заострување на законите за миграција и азил, кои се подготвуваат со години. Сепак, имплементацијата на новите правила може да потрае со години, при што некои бараат да се забрза процесот.
Миграцијата не е единствената тема на агендата на средбата за која тешко се постигнува заеднички пристап меѓу 27-те членки на Унијата, потсетува ДПА.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе им се придружи на европските лидери за да ја претстави својата визија за завршување на војната и да побара поголема поддршка.
Сепак, Унгарија, која важи за пријателска земја кон Русија, ја блокира понатамошната воена помош.
Лидерите ќе разговараат и за конфликтот на Блискиот Исток, откако не успеаја да се договорат за одговор кој би можел да помогне да се запрат борбите.