Грузиските безбедносни претставници во средата издадоа предупредување за наводен план за дистрибуција на лажни видео и аудио снимки со цел да се предизвикаат немири пред парламентарните избори во оваа земја закажани за овој месец.
Грузиската служба за државна безбедност (СУС) соопшти дека политички поврзани групи, кои не ги идентификуваше јавно, се подготвуваат да објават лажни снимки од претставници на грузиската влада направени со помош на вештачка интелигенција и други напредни технологии, пренесе украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Предупредувањето доаѓа во време на засилени политички тензии во Грузија, особено по усвојувањето на контроверзниот закон за „странски агенти“ претходно оваа година, а го нагласува високиот влог на изборите на 26 октомври.
Во соопштението на СУС се наведува дека целта на лажните снимки е „да предизвикаат конфронтација меѓу различни гранки на власта и да се влошат нејзините односи со православната црква и западните партнери“.
Видете и ова: Во кампањата за реизбор, грузиската владејачка партија игра на карта на УкраинаСУС предупредува дека оние кои стојат зад планот имаат намера да ги прикажат лажни снимки како материјали кои протекле од самата СУС, со цел да ја дискредитираат службата и да сеат раздор во политичката структура на Грузија.
„Оваа провокација е дизајнирана да поттикне протести и да ја дестабилизира земјата заради политичка корист“, соопшти СУС, додавајќи дека внимателно ги следи активностите на инволвираните групи и ќе преземе правни мерки доколку е потребно.
Грузиските власти постојано изразуваат загриженост за потенцијалните обиди да се започне „обоена револуција“ слична на онаа позната како Евромајдан во Украина во 2014 година, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович, иако досега не се дадени конкретни докази во прилог на овие тврдења.
По усвојувањето на законот за „странски агенти“, Тбилиси беше критикуван за сè поблиските врски со Москва, додека Европската унија и САД изразија загриженост за падот на демократијата во Грузија.
Законот за „странски агенти“ беше широко критикуван дека е сличен на рускиот закон што се користи за задушување на слободата на медиумите и неистомислениците.
Во прилог на засилување на тензиите беше и тоа што претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили на 3 октомври потпиша закон за кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата.
Видете и ова: Русија ги укинува визните ограничувања за Грузијците пред парламентарните избориВладејачката партија Грузиски сон, основана од грузискиот тајкун и поранешен премиер Бидзина Иванишвили, наколет кон Русија, инсистира дека останува посветена на приклучувањето кон западните институции.
Граѓанското општество во Грузија, пак, со години се обидува да ја оддалечи земјата од влијанието на Русија, која сè уште има илјадници војници во Јужна Осетија и Абхазија, два отцепени грузиски региони кои Москва ги призна како независни држави по петдневната војна со Тбилиси во 2008 година.