Кремљ го отфрли „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави пред украинскиот парламент и ја повика Украина „да се разбуди“.
„Единствениот мировен план што може да постои е киевскиот режим да сфати дека неговата политика е без перспектива и дека е неопходно да се разбуди, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.
Зеленски, претставувајќи го својот план за победа над Русија пред пратениците во Киев, се заложи за распоредување на ненуклеарни средства за одвраќање во Украина.
„Украина предлага распоредување на целосен сет мерки за ненуклеарно стратешко одвраќање на својата територија, кој ќе биде доволен за заштита од секоја воена закана од Русија“, рече Зеленски и додаде дека оваа точка е детално објаснета во „тајниот анекс“ на неговиот план за победа, кој е презентиран пред САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.
Тој најави дека утре ќе замине на самитот на ЕУ за да го претстави својот план на покана од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Утре јавно ќе го претставам планот за победа на состанокот на Европскиот совет“, рече Зеленски во говорот пред украинскиот парламент во Киев.
Видете и ова: Зеленски презентираше делови од „Планот за победа“ пред украинските пратенициВо говорот во Врховна Рада, Зеленски ги повика украинските партнери „да ги отстранат ограничувањата за употреба на оружје со долг дострел на целата територија на Украина окупирана од Русија, како и на руската територија и на воената инфраструктура на непријателот“ и побара помош во опремувањето на резервните бригади.
Неговиот „план за победа“ од пет точки, во кој тој ја отфрли можноста за отстапување на украинска територија, исто така бара Киев да добие безусловна покана за членство во воената алијанса на НАТО, како и распоредување на стратешки ненуклеарен пакет за одвраќање во Украина.
Украинскиот претседател го презентираше планот во период кога Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура, додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.
Видете и ова: Четворица мртви во руски ракетен напад врз ОдесаВо меѓувреме, на 16 октомври, Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.
Педесет и едно беспилотно летало биле соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харкив, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски дронови биле неутрализирани.
Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала - два над Белгород и еден над регионот Воронеж.