Украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави својот „План за победа“ во украинскиот парламент. Се работи за збир на мерки за кои тој вели дека ќе ја свртат војната во корист на Киев, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Украина се бори да го запре бавното, но немилосрдно руско напредување на истокот од земјата, додека нејзините градови и инфраструктура се редовно под руски напад.
Зеленски минатата недела ги посети најважните европски сојузници на Украина - Велика Британија, Франција, Германија и Италија, за да го претстави својот план откако минатиот месец разговараше со американскиот претседател Џо Бајден.
Киев очекуваше да го добие одговорот на сојузниците на планот за време на состанокот на Рамштајн групата, која вклучува околу 50 украински партнери, но состанокот планиран за минатата недела во Германија беше одложен откако Бајден ја откажа посетата бидејќи САД се справуваа со последиците на ураганот Милтон.
Видете и ова: Зеленски ќе им го претстави „планот за победа“ на сојузницитеЗасега не се познати многу детали од планот, но се верува дека вклучува пристапување на Украина во НАТО, добивање дозвола од сојузниците за напади подлабоко во Русија користејќи западно оружје со долг дострел, добивање повеќе ресурси од сојузниците за зајакнување на противвоздушната одбрана и заострување на санкциите кон Москва.
Не се знае колкав дел од планот Зеленски ќе открие за време на своето обраќање во Врховната Рада, што во понеделникот го објави неговиот советник Сергеј Лешченко.
Друг советник, Михаило Подољак, во вторникот за украинската телевизија изјави дека Зеленски нема да ги открие сите детали од планот во парламентот и дека дополнувањата на документот ќе останат тајни, иако Лешченко посочи дека целиот документ ќе биде објавен во јавноста.
„Има одредби (во победничкиот план) за кои секако нема јавно да се разговара. Тоа се однесува на нумеричката компонента, односно колку оружје, во каква форма и слично треба да биде испорачано на Украина“, рече Подољак.
Подољак додаде дека „клучни партнери во снабдувањето со оружје за Украина остануваат САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија“.
Зеленски очекува одговор на планот пред претседателските избори во САД - главниот сојузник на Украина и давател на финансиска и воена помош - каде победата на републиканскиот кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп може да доведе до сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.
Видете и ова: Две лица загинаа, а повеќе од 20 се ранети во руските напади во УкраинаУкраинскиот претседател го презентираше планот во период кога Русија продолжува да врши притисок врз украинските градови и инфраструктура, додека нејзините сили напредуваат на исток кон клучниот логистички центар Покровск.
Во меѓувреме, на 16 октомври, Русија ја нападна Украина со 136 дронови и две наведувани ракети. Повеќето од нив се неутрализирани од системот за воздушна одбрана на Украина, објави украинското воздухопловство на Телеграм.
Педесет и едно беспилотно летало биле соборени над регионите Суми, Черкаси, Кировоград, Тернопил, Керсон, Харкив, Житомир, Доњецк, Дњепропетровск, Миколаев, Киев, Полтава, Чернигов и Чернопол, објавија воздухопловните сили, додавајќи дека уште 60 руски дронови биле неутрализирани.
Руското Министерство за одбрана објави дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле три украински беспилотни летала - два над Белгород и еден над регионот Воронеж.