Во Кривичен продолжува судењето за убиството на Вања и Панче

илустрација

Во Кривичниот суд денеска (16 октомври) продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. На денешното рочиште прв сведочеше Музафер Каишиќ, помошник началник на СВР Скопје. Тој е предложен како сведок од обвинителството.

Каишиќ бил првиот што контактирал со родителите на девојчето, кога се јавиле индиции дека Вања е киднапирана.

„Првата средба со родителите на Вања беше на денот на пријавување во вечерните часови. Тогаш ние директно се вклучивме во работата, отидовме да видиме што е сработено и што да се преземе. Тогаш родителите за прв пат ги видовме. Мајката беше посталожена. Првиот впечаток за таткото беше чуден за мене но и за колеги, после разговорот анализиравме беше конфузен, потиштен во многу изјави и многу работи кои ние го прашувавме“, сведочеше Каишиќ.

Видете и ова: Стан не е причина да се убие дете, тврдат адвокатите за убиството на девојчето Вања

Во продолжение, тој зборуваше и за потрагата, што се одвивала заедно со таткото и роднина на семејството Ѓорчевски. Помошник началникот сведочеше дека се слушал со Александар секојдневно по неколку пати и дека му праќал слики и пораки, но и дека таткото бил убеден дека девојчето е киднапирано и убиено.

Подоцна сведочеше и поранешениот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев, а сега вработен во полициската станица. Тој го координирал приведувањето на Велибор Манев, еден од обвинетите во случајот.

Нов момент на денешното рочиште е што нов адвокат ќе го брани првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. На денешното рочиште во судницата се појави со адвокатот Јовица Страшевски кој заедно со адвокатот Марјан Витановски ќе го бранат Палевски на судењето.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.