Протестен марш за инклузија на луѓето со попреченост

Протестен марш под слоганот „И ние сме деца на Македонија“ одржаа во Скопје на 15 октомври членовите на организација на Коалицијата „Менуваме“. Со овој протестен марш, демонстрантите бараат од Владата преговарачка рамка во која ќе бидат вметнати сите недостатоци во системот кој ги опфаќа лицата со попреченост. Тие бараат поддршка и инклузија во општеството преку преговарачка рамка со надлежните институции.

Суарет Алиша од Коалицијата „Менуваме“ вели дека со новиот Закон е предвидено лицата со попреченост да плаќаат 20 часа за асистент што, според нив, е недозволиво бидејќи, како што рече, лицата со попреченост се социјална група.

Видете и ова: Пресуда - државата ги дискриминирала лицата со попреченост при остварување на правото на глас


„Тука сме да покажеме дека и ние сме деца на Македонија, да пратиме порака до државата да можат да нѐ разберат. Заедно со Црвениот Крст како најуспешен провајдер на асистенти имаме предлог решенија со цел да ги заштитиме асистентите да не бидат обесправени. Предлагаме формирање на мешовита установа водена од Црвениот Крст. Нашата цел е асистентите да можат да добиваат по 22 500 денари, согласно законот кој предвидува хонорарот на асистентите да не биде под минималната плата. Предлозите ги поднесовме вчера до Собранието, Владата и претседателката на државава“, дополни тој.

Маршот започна пред Собранието, а заврши пред Владата. Лицата со попреченост, нивните лични асистенти и негуватели протестираа за социјална правда и рамноправност.