Унгарија и руската компанија „Гаспром“ преговараат за договор за дополнителни испораки на гас за Будимпешта во текот на следната година, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за руската новинска агенција РИА, пренесува „Еурактив“.
„Веќе потпишавме еден (дополнителен договор) за последниот квартал од оваа година, кој опфаќа дополнителни количини по конкурентна цена. Во моментов преговараме за договор за следната година“, рече Сијарто.
Рускиот енергетски гигант минатата недела објави дека е потпишан меморандум со Унгарија за можноста за зголемување на продажбата на руски гас, но без наведување детали.
Сијарто појасни дека меморандумот вклучува одредба за дополнителни договори покрај долгорочните договори за идните години, што ќе ја гарантира конкурентноста на цените.
Минатата недела, Унгарија и „Гаспром“ исто така потпишаа договор кој им овозможува целосно користење на гасоводот „Турски тек“.
Видете и ова: ЕУ со нови санкции го таргетира рускиот гасен секторГасоводот „Турски тек“, изграден непосредно пред руската инвазија на Украина, ја заобиколува оваа земја носејќи руски гас под Црното Море на европска територија во Турција, а потоа во Бугарија, каде се нарекува „Балкански тек“.
Овој договор, како што изјави Сијарто, и овозможува на Будимпешта да ги зголеми купените количини во рамките на „сите комерцијални договори“.
Русија моментално извезува природен гас во Европа преку два правци: гасоводот кој го изгради Советскиот Сојуз, кој поминува низ Украина, и „Турски тек“. Договорот на Русија за транзит на гас преку Украина истекува на крајот од годината.
Покрај тоа, Сијарто за РИА изјави дека Будимпешта ќе стави вето на санкциите на Европската Унија против Русија доколку се укине изземањето за Унгарија за купување руска нафта.