Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа договорот меѓу Фронтекс и БиХ

Релокација на мигранти во Бих близу хрватската граница (архивска фотографија)

Министрите за внатрешни работи на Хрватска, Италија и Словенија го поддржаа потпишувањето на договорот за намалување на илегалната миграција меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Босна и Херцеговина на состанокот во Запрешиќ, Хрватска.

Преговорите за тој договор се завршени и треба да се потпише, изјави хрватскиот министер Давор Божиновиќ, пренесе Бета.

Божиновиќ додаде дека 500 членови на Фронтекс во БиХ значат многу повеќе од сите на хрватската граница. Тој рече дека Фронтекс во БиХ е важен бидејќи „мигрантите кои се движат од југот на Европа кон хрватските граници не наидуваат на сериозни пречки“. Оваа средба на тројцата министри беше петта од воведувањето на внатрешна контрола на поранешните гранични премини меѓу Хрватска, Италија и Словенија.

Видете и ова: Пронајдени осум удавени лица од превртениот чамец со мигранти на Дрина

Словенечкиот министер Боштјан Поклукар рече дека „странците доаѓаат како туристи, а потоа се претвораат во странци кои илегално ги минуваат нашите граници, стануваат мигранти и одат во целните земји на Европската унија“.

Тој рече дека „Шенгенот во моментов не функционира“, бидејќи во некои земји е воведена контрола на внатрешните граници, како и во Германија, која ги затвори сите граници.

Од друга страна, италијанскиот министер Матео Пјантедоси оцени дека оваа привремена контрола на границите во Шенген зоната „на некој начин ги потиснала сите негативни случувања“.

„Тоа навистина покажува колку можеме да ја потиснеме (миграцијата) кога станува збор за „балканската рута“. Се разбира, ние не сакаме да ги држиме границите затворени“, рече Пјантедоси.

Тој додаде дека во борбата против шверцерите е клучна „размена на информации меѓу полицијата за да може да се следат сите активности“.

Бројот на откриени премини на „западнобалканската рута“ е намален за дури 72 отсто, а на „Медитеранската рута“, која лани забележа најголем број нелегални премини, намалувањето е за 61 отсто во однос на лани. Таа рута е сè уште најактивна оваа година со речиси 26.000 откриени премини, објави Фронтекс во јули оваа година.