Обвинителката Ирина Трајкоска Стрезоски од Вишото јавно обвинителство Битола е новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Со најмногу, односно шест гласови „за“ Управниот одбор на Академијата денеска донесе одлука четиригодишниот мандат да ѝ го довери на Трајкоска Стрезоски.
Еден глас помалку, односно пет гласови при денешниот избор доби судијата Ненад Савески од Основен кривичен суд Скопје, а трет, со три гласови беше заменик-директорот на Академијата, Илир Исени.
Судијката Оља Ристова од Кривичен суд и судијата Андреј Димовски од Граѓанскиот суд не освоија ниту еден глас. Додека, судијката Едита Насковска од Управен суд доби два, а обвинителката Спасенка Андонова од Основното јавно обвинителство Скопје еден глас.
Претходно на седницата дел од членовите на УО посочија дека сите пријавени кандидати ги исполнувале условите за избор.
Јавниот оглас за избор на директор на Академијата беше објавен на 26 август годинава, откако поранешната директорка Наташа Габер-Дамјановска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата кон средината на јули.
Академијата за судии и јавни обвинители постои од 2006 година и таа е единствениот пат по кој некој може да стане судија или обвинител. Прва директорка на Академијата за судии и обвинители беше Анета Арнаудова. Во 18-годишното постоење, обуката во Академијата ја поминале над 1200 кандидати.