При направениот стручен надзор во Клиниката за детски болести и во Клиниката за респираторни болести кај децата - „Козле“, се констатирани одредени недостатоци и тоа системски, технички од аспект на опрема и стручни. Ова го изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари кој информираше за извршените стручни надзори, иницирани од Министерството, во врска со двата случаи што завршија со смртен исход - за починатата родилка во Општата болница - Куманово и за 14-месечното бебе во Клиниката за детски болести.
Таравари информира дека извештатите се подготвени од професионални компетентни специјалисти од соодветните области, со цел детално да се анализира севкупниот тек на лекувањето и третманот на пациентите во двата случаи.
При посетата на установите, комисиите вршат увид во целокупната медицинска документација, а истовремено се извршени разговори со сите членови на здравствените тимови, кои биле вклучени во лекувањето.
Зборувајќи за овие две клиники во Скопје, тој соопшти дека во делот на системски недостатоци, констатирано е непостоење на препораки или алгоритми за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман.
„Исто така, констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во однос на техничките недостатоци, во „Козле“ е констатирана потреба од соодветна апаратура за пружање респираторна поддршка - инвазивна и неинвазивна“, појасни Таравари.
Видете и ова: МЗ: Ќе се утврдат причините за смртта на 14-месечното бебеМинистерот додаде дека, исто така, констатирана е потреба од обезбедување видео-ларингоскоп за Детската клиника, како и унапредување во делот на организирање на транспортот на пациентите од една до друга установа.
„Од аспект на стручни забелешки, Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето на Клиниката извршен на 03.10, додека во Козле е констатирана неадекватна и ненавремена проценка за тежината на респираторните потешкотии и третманот“, истакна министерот.
Во врска со другиот случај, тој информираше дека бил извршен стручен надзор во ОБ - Куманово, каде се констатирани одредени административно-технички недостатоци.
„Но ,заклучок од Комисијата е дека - недостатоците не може да бидат директна или индиректна причина за акутното влошување на општата здравствена состојба на пациентката, исходот по новороденчето и смртниот исход на родилката. Исто така, Комисијата не констатираше пропусти во ниту еден аспект на пренаталниот менаџмент на пациентката од одговорните доктори во приватната здравствена установа по гинекологија и акушерство, каде била следена бременоста“, соопшти министерот.
Видете и ова: Обвинителство нареди обдукција за починатата родилкаТој нагласи дека комисијата не констатирала никакви суштински пропусти и во амбулантското следење на пациентката, во рамки на пренаталните прегледи во ОБ - Куманово.
„Не се утврдени суштински пропусти ниту кај гинеколошкиот тим во текот на перипарталниот третман на пациентката, односно констатирано е дека тимот постапувал согласно постојните упатства и перинатолошки стандарди“, подвлече Таравари на прес-конференцијата.
Тој информираше и дека за првите 300 специјализанти би требало до крајот на годината да се објави конкурс за вработување, а тука ќе биле вклучени плус десетте најдобри студенти од сите три медицински факултети во државава.