Телото на уште една жртва од поплавите е пронајдено во Јабланица

Поплави во БиХ

Пронајдено е телото на уште една жртва од поплавите и свлечиштата во Доња Јабланица, со што бројот на загинати во областа се искачи на 19, потврди во понеделникот за РСЕ Сабахудин Спаховиќ од Федералната управа за цивилна заштита.

Спаховиќ рече дека телото на жената е пронајдено во езерото Грабовиќ и дека таа ќе биде меѓу жртвите на кои во вторник ќе се одржи колективен погреб во Јабланица.

Досега во Босна и Херцеговина се пронајдени телата на 26 жртви. Од Јабланица се 19, од Коњиче четворица, додека кај Фојница загинаа три лица.

Спасувачите, откако го пронајдоа телото на последната жртва во Доња Јабланица, ја продолжија потрагата по уште едно исчезнато лице во Коњиќ.

Видете и ова: Жителите на погодените области во БиХ ги санираат штетите, но и траумите

Во текот на ноќта од четврток кон петок, 4 октомври, обилни дождови ја погодија северна Херцеговина и централна Босна, предизвикувајќи порои и поплави.

Дождот активираше бројни одрони, а најтешка беше состојбата во Доња Јабланица на југот од земјава. Надлежните во Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина тврдат дека уривањето на каменоломот е причина за големиот број жртви во Доња Јабланица.

Во вторник на 15 октомври во 14 часот ќе се изврши колективниот погреб за настраданите од поплавите на подрачјето на Доња Јабланица, по што ќе се изврши погребот на гробиштата Доња Јабланица, Ѓевор и Злате.