ЈПДП ќе ги испитува наводните злоупотреби на Митревски

Брифинг со новинари на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие Државни патишта Ејуп Рустеми

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) информира дека го прекинала временото задолжение на координаторот за контрола Миланчо Митревски и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста дека ја злоупотребил службената положба.

„ЈПДП известува дека лицето Миланчо Митревски на 28 јули 2024 година е назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола. Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се“, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Видете и ова: СДСМ: Шефот за контрола на наплата во Државни патишта самиот не плаќа патарини

Викендов, опозицискиот СДСМ обвини дека Миланчо Митревски бил назначен на функцијата шеф на контролорите на Наплатната служба на патарините во Петровец, иако за тоа не ги исполнувал условите, дека претходно бил фатен како ја злоупотребува службената положба, како и дека според снимки од патарините кои им биле доставени од свиркачи, покажувале оти тој самиот не плаќал патарини.