Украинското Министерство за надворешни работи ги окарактеризира зборовите на американскиот актер и фронтмен на групата „30 секунди до Марс“ (Thirty Seconds to Mars), Џаред Лето за руската војна против Украина - како навреда.
„Чувството на Џаред Лето за руската енергија и неговата подготвеност да настапува во Русија е навреда за оние кои ги жртвуваат своите животи за да ја одбранат слободата. Не може да има смирување на Русија кога таа продолжува да се обидува да го реши „проблемот“ на самото постоење на Украина“, соопшти Министерството.
На концертот во главниот град на Србија, Белград на 11 октомври, Џаред Лето најави настапи во Русија „кога ќе завршат сите овие проблеми“.
Во видео кое кружи на интернет, пејачот ја прашува публиката дали на концертот дошле луѓе од Русија.
Одговарајќи на аплаузите од публиката, Лето рече „ни недостигавте“ и додаде дека „еден ден, кога ќе завршат сите овие проблеми, ќе дојдеме во вашата татковина“.
„Ќе се вратиме во Србија, ќе одиме во Санкт Петербург, Москва, ќе застанеме во Киев, ќе се шетаме и ќе се дружиме со сите“, рече Лето.
Украинците особено ги критикуваа зборовите на пејачот.
И под последната објава на Џаред Лето на Инстаграм, луѓето го потсетуваат дека Украина не е „апстрактен проблем“, туку целосна руска инвазија.
Претходно, Џаред Лето им изрази поддршка на Украинците. Тој напиша дека неговото „срце се кине“ од она што се случува во Украина „во ова хаотично и деструктивно време“.