Министрите за надворешни работи на Европската Унија одобрија нови санкции против седум поединци и седум правни лица поврзани со Иран, откако западните сојузници на Киев го обвинија Техеран дека испраќа балистички ракети до Русија за да и помогне во нејзината целосна инвазија на Украина.
Санкциите, објавени во ексклузивна изјава на Радио Фарда минатата недела, се насочени кон компании и поединци обвинети дека се вмешани во трансферот на оружјето во Русија, вклучително и водечкиот превозник во земјата „Иран Ер“, како и авиокомпаниите Саха Ерлајнс и Махан Ер.
Соединетите Држави, Велика Британија, Франција и Германија го обвинија Иран дека пред повеќе од еден месец испратил балистички ракети и поврзана технологија во Русија за да ја употребат против Украина, што предизвика консултации меѓу европските сојузници за ова прашање.
„Денешната ознака вклучува поединци и правни субјекти одговорни за развој и пренос на беспилотни летала (UAVs), проектили и поврзана технологија за Русија за поддршка на нејзината воена агресија против Украина, како и за вооружени групи и ентитети кои ги поткопуваат мирот и безбедноста во Блискиот Исток и регионот на Црвеното Море“, се вели во соопштението на Советот на 14 октомври.
Видете и ова: САД се сомнева дека Иран избегнува санкцииНа санкционираните ќе им биде замрзнат имотот и ќе им биде забрането патување во Европската Унија. Дополнително, се забранува обезбедување средства или економски ресурси, директно или индиректно, со наведените лица и компании.
Авиокмпанијата „Иран Ер“ има директни летови до неколку градови во Европа, вклучувајќи ги Франкфурт, Хамбург, Келн, Париз и Милано.
Новите санкции на ЕУ доаѓаат само неколку дена откако Питер Стано, главниот портпарол на ЕУ за надворешна политика, за РСЕ изјави дека е „оптимист“ за односите на ЕУ со Иран.
Стано истакна дека односите на ЕУ со Иран „долго време се на најниско ниво“ и истакна дека најновата причина е поддршката на Иран за Русија во нејзината илегална инвазија на Украина со снабдување со беспилотни летала и од неодамна со ракети.
Според Стано, домашната репресија во Иран, произволното притворање на граѓаните на ЕУ и збогатувањето ураниум се други фактори кои предизвикаа односите на исламската република со ЕУ да станат „комплицирани“ и „чувствителни“.