Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Северна Кореја испратила војници и оружје во Русија за да ја поддржи војната на Москва во Украина во знак на зголеменото сојузништво меѓу Кремљ и Пјонгјанг.
Украинските медиуми неодамна објавија дека шестмина севернокорејски воени лица загинале во украински ракетен напад во источниот регион Доњецк, окупиран од Русија, на 3 октомври.
Извештаите не можеа да бидат независно проверени, но во своето редовно ноќно обраќање објавено на социјалните мрежи доцна на 13 октомври, Зеленски ги повтори тврдењата.
„Ова повеќе не е само за пренос на оружје. Тоа е всушност за трансфер на луѓе од Северна Кореја во окупаторските воени сили“, рече тој.
Зеленски не обезбеди докази за да го поткрепи своето тврдење, но шпекулациите за улогата на Северна Кореја во конфликтот се зголемија поради знаците за заострување на односите меѓу Москва и земјите како Северна Кореја и Иран речиси 32 месеци по започнувањето на целосната инвазија на Украина.
Видете и ова: Путин и Ким Џонг Ун договориле меѓусебна подршка во случај на „агресија“Институтот за проучување на војната (ISW), американски воен тинк-тенк со седиште во Вашингтон, неодамна објави дека неколку илјади севернокорејски војници пристигнале во Русија и се подготвуваат за распоредување во Украина.
Северна Кореја, наводно, и обезбедува на Москва оружје и муниција за да ја поддржи нејзината целосна инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.
Јужнокорејската разузнавачка служба тврди дека Пјонгјанг и доставува артилериски гранати и ракети со краток дострел на Москва. Кремљ ги отфрли тие тврдења, но не ги коментираше тврдењата на Зеленски.
Видете и ова: Тензични времиња за Украина, се зголемува притисокот на бојното полеЗеленски рече дека развојот на настаните ја нагласува потребата на Украина за „повеќе поддршка“ од нејзините западни партнери за „да го зголеми притисокот“ врз Русија и да спречи „поголема војна“.
„Кога зборуваме за поголема способност за Украина со долг дострел и порешителни набавки за нашите сили, тоа не е само список на воена опрема. Станува збор за зголемување на притисокот врз агресорот“, рече Зеленски.
Зеленски минатата недела ги посети Велика Британија, Германија, Франција и Италија за да побара од партнерите на Киев постојана воена помош.
Ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток се очекува да биде високо на агендата на средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и германските лидери кога Бајден ќе ја посети Германија подоцна неделава.