Рокас: Владата ги следи препораките на ЕУ, приоритет треба да биде законот за Судски совет

Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија

Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија

Единствена цел во мојот мандат е да и помогнам на Северна Македонија да влезе во ЕУ што е можно побрзо, изјави новиот евроамбасадор во земјава Михалис Рокас во интервју за државната агенција МИА. Ова е негово прво интервју откако стапи на новата должност во Северна Македонија минатиот месец.

Рокас смета дека членството во ЕУ нема алтернатива и оти проширувањето е најуспешната политика на Унијата. Вели дека го разбира предлогот на Владата за одложена примена на уставните измени, но, нагласува оти пристапувањето е процес заснован на едногласност.

„Проширувањето е процес заснован на едногласност, ние сме сите свесни за овој предлог на Владата. Мое скромно мислење е дека тешко дека ќе биде прифатен, како што објаснив претходно има став на ЕУ од 27-те членки во овој поглед. Значи, се разбира, од суштинско значење е да се осигураме дека сме свесни за овој контекст. Одлуката за уставни измени е суверена одлука на Владата, и е многу важна, ние имаме огромна почит за тоа како Владата сака да продолжи понатаму и решенијата кои сака да ги постигне, но процесот е сосема јасен, и тој може да биде веднаш и може да се одвива многу брзо и она што можам да го повторам е целосната посветеност за пристапување кон ЕУ, што ја вклучува и Северна Македонија“, потенцира Рокас.

Видете и ова: Европска (не)перспективност пред посетата на Урсула фон дер Лајен

Евроамбасадорот Рокас говорејќи за реформите во судството, вели дека е задоволен што Судскиот совет е на врвот на агендата на Владата. Неговиот став е дека гледа силна посветеност да се работи и да се следат овие сугестии и препораки на ЕУ без разлика дали се од Оценската мисија, Извештајот за напредокот на земјата.

„Сега, приоритетот треба да биде законот за Судски совет, што е многу важна реформа во поглед на начинот како е формиран, како се избираат и разрешуваат судии. Значи, има многу елементи за тоа дека работата е огромна и напредувала релативно брзо, ова е клучната област за сè, борбата против корупцијата, привлекување инвестиции, давање доверба на граѓаните во судскиот систем“, изјави Рокас.