Американскиот претседател Џо Бајден треба да замине за Германија кон крајот на следната недела, само неколку дена по откажувањето на претходно планираната посета поради ураганот Милтон што ја погоди државата Флорида, изјавија извори за ДПА и за германскиот магазин Шпигел.
Бајден планира средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер во петок во Берлин. Сепак, засега нема официјална потврда за ова.
Бајден првично го планираше патувањето за минатиот петок и сабота, но го откажа поради прогнозите за јачината и последиците од ураганот Милтон што го погоди источниот брег на САД.
Бајден претходно планираше да помине два ипол дена во Германија и да ја посети американската воена воздухопловна база Рамштајн во западниот дел на земјата за да одржи самит за воена помош за Украина. Потоа планираше да отпатува за Ангола.
Посетата на Германија првично требаше да биде официјална државна посета со официјален банкет и други формални настани, но програмата сега е многу збиена, пишува Шпигел.
Сепак, Штајнмаер, наводно, сè уште планира да му додели на Бајден специјален медал, Големиот крст на Орденот за заслуги, за неговиот придонес во германско-американското пријателство.