Миланчо Митревски, кој е назначен за шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец, самиот не плаќа патарини, изјави на денешната прес - конференција од партиското седиште на СДСМ, Менде Илиевски, советник во Советот на Општина Битола.
Тој побара директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски веднаш да го разреши Митрески, а надлежните институции да преземат мерки за соодветна одговорност веднаш.
„Снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи покажуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина не плаќа патарина. На 15.08.2024 во 08:47 часот непосредно од кога е назначен заедно со неговата сопруга Бети, присилно го тера вработениот на наплатна станица Отовица да го пропушти без да плати. Оваа е честа пракса на Митревски. Веднаш надлежните институции да преземат мерки и да установат колку пати Митревски направил вакви дела. Бидејќи овие податоци се јавно достапни, СДСМ ги провери на веб порталот од Системот за електронска контрола на патарините и тие се целосно потврдени“, изјави Илиевски.
Во текот на вчерашниот ден, опозицискиот СДСМ објави и дека Митревски бил фатен како ја злоупотребува службената положба за што имал и изречена дисциплинска санкција. Опозициската партија обвини дека Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе.
„Тој не ги исполнува условите да биде шеф на контролорите, единствена квалификација му е тоа што е “хард кор“ партиски кадар на ДПМНЕ и сопруг на советничка на ДПМНЕ во Велес“, рече Илиевски.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека ова се неосновани напади, велејќи дека опозициската партија гледа колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Коце Трајановски.
„СДС гледаат како сега се работи во ЈПДП и со која брзина се реализираат работите, нешто што беше незамисливо во нивно време. Втора работа која СДС сака да ја сокрие и заради која го напаѓа Коце Трајановски е тоа што непосредно пред избори во ЈПДП бројот на вработени го зголемиле за 50%, т.е. вработиле нови 150 луѓе. СДС ја кријат партизацијата која ја направиле и мислат дека со неосновани напади ќе го измамат народот“, се вели во партиската реакција.
Според ВМРО-ДПМНЕ, најголемиот страв во СДСМ „пред се е заради одговорноста за милионските криминали кои ги правеле, за која знаат дека доаѓа“.