Тајван во состојба на готовност поради кинескиот носач на авиони

Хеликоптер за време на вежби за борбена готовност во Хсинчу, 29 октомври 2020 година.

Војската на Тајван е во состојба на готовност откако кинески носач на авиони беше забележан јужно од островот во неделата во услови на зголемени тензии меѓу Тајпеј и Пекинг.

„Кинескиот носач на авиони „Лиаонинг“ навлезе во водите во близина на каналот Баши и најверојатно се движи кон западниот Пацифик“, соопшти тајванското Министерство за одбрана.

Како што се наведува, „армијата останува во состојба на готовност и е подготвена да реагира доколку е потребно“.

Пекинг го засили воениот и политичкиот притисок врз Тајван во последните години.

Кина никогаш не се откажа од прибегнувањето кон воена сила за да ја врати контролата врз островот, кој го смета за дел од нејзината територија што треба повторно да се обедини со континентална Кина.

Видете и ова: Тајван тврди дека Кина е закана за регионалната стабилност

Во последните години, Кина организираше три серии големи воени вежби околу тој автономен остров, на кои учествуваа нејзините авијациски и поморски сили. Пекинг, исто така, испраќа воени бродови и воени авиони да патролираат околу Тајван речиси секој ден.

Односите меѓу Пекинг и Тајпеј се влошија од 2016 година и доаѓањето на Цаи Инг-вен за претседател во Тајван, а потоа и нејзиниот наследник Лаи Чинг-те оваа година.

Лаи, кој ја презеде функцијата во мај, вети дека ќе „се спротивстави на кинеската анексија“ или на обидите за газење на суверенитетот.

Пекинг, кој го означи Лаи како сепаратист, реагираше со предупредување дека „провокациите“ на тајванскиот претседател ќе доведат до „катастрофа“ за неговиот народ.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, исто така оцени дека зборовите на Лаи „ја откриваат неговата мрачна намера да ги влоши тензиите во Тајванскиот теснец заради лични политички интереси“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ја предупреди Кина да се воздржи од провокации кон Тајван.

„Во интерес на целиот свет е да се одржат мирот и стабилноста, да се зачува статус кво и да се избегне каков било конфликт што може да ги наруши елементите неопходни за светската економија“, рече тој.

Вашингтон го призна Пекинг како легитимна влада од 1979 година, но останува најмоќниот сојузник на Тајван и негов главен снабдувач на оружје.