Курти тврди дека Србија ги приближува своите војници до границата со Косово

Албин Курти - премиер на Косово

Косовскиот премиер Албин Курти во саботата навечер изјави дека „Србија повторно провоцирала, придвижувајќи ги своите војници на околу 50 метри до границата со Косово“, поточно во близина на општина Каменица.

Споделувајќи неколку фотографии на Фејсбук, Курти рече дека српските воени трупи заминале откако забележале дека косовските власти ги снимиле нивните акции.

„Владата на Република Косово инвестираше многу во градење и подобрување на капацитетите на разузнавачките, безбедносните и одбранбените структури, кои се подготвени да спречат каква било закана за територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја“, рече Курти.

Тој рече дека Србија продолжува да ги крева тензиите со хибридни акции, со цел дестабилизација на регионот, „иако просторот за овие маневри од ден на ден се стеснува“.

Засега нема реакции од Србија за тврдењата на Курти. Најавата на Курти доаѓа неколку недели по годишнината од нападите во Бањска и Звечани. Вооружена група ја нападна косовската полиција во септември минатата година, кога беше убиен наредникот Африм Буњаку. Во размената на оган загинаа и тројца српски напаѓачи.

Видете и ова: Владата на Косово делумно ја укина забраната за увоз на стоки од Србија

Косово ја обвинува Србија за организирање и извршување на нападот, но Белград тоа го негира. Одговорноста за нападот ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од официјален Белград. Косовските власти го обвинија него и десетици други луѓе за кои се верува дека се на слобода во Србија. Тројца се уапсени на Косово.

Косово и Србија ја делат границата долга околу 350 километри, а повеќе од 60 отсто од оваа линија се состои од општини на северот на Косово, каде претежно живеат Срби.

Двете земји постигнаа договор за интегрирано гранично управување во декември 2011 година. Мисијата на НАТО на Косово, КФОР, е одговорна за безбедноста на границите на Косово со Србија, додека косовската полиција е одговорна за остатокот од граничната линија.

Во моментов, КФОР има повеќе од 4.400 војници на Косово. НАТО го засили своето присуство на Косово во 2023 година, по зголемените тензии на северот, каде мнозинството е српско население.