Околу 40 земји ги осудија нападите врз членовите на мировните сили на Обединетите нации (ОН) во Либан, а во заедничката изјава, објавена од полската мисија во ОН, предупредија дека мора веднаш да престанат.
„Ја потврдуваме нашата целосна поддршка за мисијата и активностите на УНФИЛ, чија главна цел е да се постигне стабилен и траен мир на југот на Либан, како и на Блискиот Исток, во согласност со релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението.
Земјите потписнички на изјавата истакнаа дека улогата што ја игра мировната мисија на ОН во Либан е особено значајна во светло на ескалацијата на ситуацијата во регионот.
УНИФИЛ во саботата извести дека припадник на мировните сили бил ранет во петокот при пукање од непознато потекло. Ова е петти ранет мировник во јужен Либан во близина на израелската граница за само два дена.
Видете и ова: Израелски напади во Газа - Хезболах нападна база јужно од ХаифаСАД и европските земји претходно го повикаа Израел да ја гарантира безбедноста на мировниците на ОН.
УНИФИЛ, мисија од околу 9.500 војници од различни земји, има задача да го надгледува прекинот на огнот со кој заврши 33-дневната војна меѓу Израел и Хезболах во 2006 година.
Либанските медиуми објавија во неделата дека израелски воздушен напад уништил џамија на југот на земјата, каде Израел ги засили бомбардирањата во последните неколку недели. Либанското Министерство за здравство претходно соопшти дека најмалку 15 луѓе биле убиени во саботата во израелските напади врз три села северно и јужно од Бејрут.
Израелската војска во неделата објави дека погодила „десетици“ цели на Хезболах во јужен Либан, а меѓу нив има и фрлачи, противтенковски позиции и складишта за муниција. Претходно, израелската армија во саботата објави дека од Либан кон Израел биле испукани десетици проектили, а еден од нив бил пресретнат.
Израелската армија во саботата ги предупреди жителите на јужен Либан да не се „враќаат“ во своите домови додека продолжуваат борбите во областа против милитантната група Хезболах.
Израел тврди дека ги гаѓа упориштата на Хезболах во Либан, кој САД го прогласија за терористичка организација.
На црната листа на Европската унија е и вооруженото крило на Хезболах, но, не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, Хезболах го поддржува Хамас, палестинска милитантна организација.