Алекс Салмонд, поранешен прв министер на Шкотска почина денеска на 12 октомври во Охрид, каде учестувуваше како панелист на вториот Форум за културна дипломатија, информираат од Канцеларијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
„За жал, Алекс Салмонд, поранешниот прв министер на Шкотска кој беше еден од панелистите на вчерашниот форум за културна дипломатија што се одржа во Охрид, денеска ненадејно почина“, информираат од Канцеларијата на Иванов.
Поранешниот претседател Иванов изразува длабоко и искрено сочуство до семејството. Во негова чест, вечерва се одржа комеморација на која се обрати Иванов, заменикот генерален секретар на ОН Моратинос како и дел од учесниците на форумот. На комеморацијата присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Салмонд вчера имаше излагање на второто издание на Форумот за културна дипломатија во коорганизација на кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ и Институтот за културна дипломатија од Берлин.
Алекс Салмонд од 2007 до 2014 година ја предводеше земјата како премиер и во тој период се одржа референдумот за независност на Шкотска.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Охрид во 15:30 часот, по што итната медицинска помош, полицијата и основен јавен обвинител констатирале смрт.