Октомвриската плата, која ќе биде исплатена во ноември, ќе биде повисока на пет отсто за наставниците и професорите во основното и средно образование.
Ова на заедничка прес конференција во владиниот прес центар го соопштија претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и премиерот Христијан Мицкоски.
Синдикалецот Неделков истакна дека МОН и Владата вложија напори во ваква економска ситуација и со оглед на кондицијата на буџетот да се изнајдат средства и да се обезбедат за исплата на овие 5 насто.
„Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата. Работиме на заокрижување на преговорите за колективните договори за основно и средно образование, со примена на колективните договори ќе има подобрување во правец на правата на просветните работници“, рече Неделков.
Според него, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со „заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија“.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен и ќе биде во насока на подобрување на финансиска состојба на наставниците.
„Сакавме да постигнме договор кој ќе биде долгорочен, за да не треба секоја година да имаме кризи, ќе правиме штрајкови, затоа беше важно што ова што го постигнавме како договор. Јас лично бев вклучен во овие разговори и мислам дека се постигна договор кој е историски за подобрување на финансиската состојба на наставниците и професорите. Од октомвриската плата која ќе биде исплатена во ноември ќе имаме пет насто покачување на платите до март 2025 година. Во март 2025, ќе има покачување од 7 насто. Во март 2026 година во зависност од состојбата на буџетот ќе има покачување од 7,5 до 10 насто. Во март 2027 меѓу 7,5 и 10 насто. И во март 2028 година, меѓу 12 и 12,5 насто. Тоа ќе зависи од приходите во буџетот“, рече Мицкоски.
Премиерот очекува до февруари 2025 година да се потпише и колективниот договор за основното и средно образование.
„Да имаме јасна основа како понатаму ќе може да се развиваме и кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места бидејќи сега има нејаснотии во тој дел“, рече Мицкоски.
Според опозицискиот СДСМ, најавата за минимално зголемување на платите на наставниците од само 5% е разочарувачка и го потценува трудот на професионалците.
„Наместо планираните 12%, ова зголемување не одговара на реалните потреби на наставниците и представува само козметички потег за ублажување на незадоволството“, се вели реакцијата на СДСМ.
Од партијата велат дека наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка, а не симболични награди.