МВР: Лажни профили на Интерпол и македонската полиција нудат враќање на пари на измамени од „Конти“

Министерство за внатрешни работи (илустрација)

Министерството за внатрешни работи информира дека во периодот е зачестена појава на лажни профили на социјалните мрежи кои се преставуваат во име на Интерпол, МВР или компании кои нудат некаков вид на помош, посредување па дури и враќање на пари на лица кои ги изгубиле во лажни онлајн инвестиции како што беше „Конти“ и други слични на него.

„Сакаме како Министерство за внатрешни работи да информираме а воедно и да предупредиме дека се работи за класични интернет измами или таканаречени „фишинг“ измами чија цел е прибирање на лични податоци со цел понатамошно нивно користење во криминални деанија, како и злоупотреба на нивните платежни картици со цел стекнување на финансиска корист“, велат од МВР.

Од институцијата апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид на измами и да бидат многу внимателни каде ги оставаат своите лични податоци како и податоците од своите платежни картици.

Министерството за внатрешни работи напоменува дека има свои канали на комуникација, односно сите линкови кои се поврзани со министерството може да се најдат на нивната официјална веб - страница.