Израелски напади во Газа - Хезболах нападна база јужно од Хаифа

Мировни возила на ОН во Марџајун, во близина на границата со Израел, во јужен Либан, 11 октомври 2024 година.

Министерството за здравство на Газа, со кое раководи палестинската милитантна група Хамас, во саботата соопшти дека во пет израелски напади во Појасот Газа во последните 24 часа загинале 49 лица, а 219 се повредени.

Беше посочено дека спасувачките операции продолжуваат, дека луѓето се уште се под урнатините.

Војната во Газа започна откако Хамас, кој е наведен како терористичка организација на САД и ЕУ, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври минатата година, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници. После тоа, Израел започна офанзива на Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 42.175 луѓе загинале во борбите. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

На 7 октомври, израелската армија објави дека минатата година бомбардирала повеќе од 40.000 цели во Газа, открила 4.700 тунели и уништила 1.000 локации за лансирање ракети.

Додека војната во Газа продолжува, Израел се бори на друг фронт во јужен Либан против Хезболах, милитантна група поддржана од Иран.

Видете и ова: Блинкен до Израел: Заштитата на цивилите е од витално значење

На 12 октомври Хезболах соопшти дека истрелал неколку проектили врз израелска воена база јужно од Хаифа додека Израелците го прославувале Јом Кипур, најважниот празник во еврејскиот верски календар.

Хезболах рече дека нивните сили целеле на „фабрика за експлозиви таму со низа проектили“, додека нема итен коментар од Израел за тврдењата.

Прославата на Јом Кипур започна во време на серија дипломатски критики упатени кон Израел поради вториот израелски напад врз мировната позиција на Обединетите нации (ОН) во Либан.

Претседателот на Соединетите Американски Држави Џо Бајден го повика Израел да престане да пука врз мировниците на ОН за време на конфликтот со Хезболах во Либан, по два такви инциденти за 48 часа, пишува Би-би-си.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја презедоа одговорноста за инцидентот во петокот, во кој беа повредени двајца војници од Шри Ланка од Силите на ОН во Либан (УНФИЛ).

Израелската војска соопшти дека инцидентот ќе биде истражен „на највисоко ниво“.

Во четвртокот двајца припадници на УНФИЛ од Индонезија беа повредени кога паднаа од набљудувачката станица, откако израелски тенк пукаше кон него.

Лидерите на Франција, Италија и Шпанија издадоа заедничка изјава во која ги осудија акциите на Израел, нагласувајќи дека тие се неоправдани и мора веднаш да бидат прекинати.

Видете и ова: Средба на рускиот и иранскиот претседател, додека беснее војна на Блискиот Исток

Министерството за надворешни работи на Шри Ланка соопшти дека го осудува нападот на ИД во кој беа повредени двајца нејзини војници.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах избувна пред една година кога милитантната организација почна да лансира ракети во северен Израел како поддршка на палестинската милитантна група Хамас, на почетокот на војната во Појасот Газа.

САД го сметаат Хезболах за терористичка организација, додека Европската унија (ЕУ) на црната листа го стави само своето вооружено крило, но не и политичката партија која има претставници во либанскиот парламент. Палестинскиот Хамас се смета за терористичка организација и од САД и од ЕУ.

Видете и ова: Израел соопшти дека елиминирал член на Хезболах во Голанската висорамнина

Конфликтот во Либан се интензивираше во последните неколку недели, со тоа што Израел го бомбардираше јужен Либан, јужните предградија на Бејрут и долината Бека, убивајќи многу од највисоките лидери на Хезболах и испраќајќи копнени трупи во јужен Либан. Хезболах, од друга страна, истрела ракети подлабоко во Израел.