Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за можните последици што предложениот закон за странски агенти може да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување во Црна Гора, сојузник во НАТО и кандидат за ЕУ, велат од Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На прашањето на РСЕ за коментар на најавата на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, која ги обединува проруските партии на поранешниот Демократски фронт, дека ќе предложи усвојување на закон за странски агенти, Стејт департментот оцени дека ова би ги ограничило активностите на граѓанското општество.
„Ваквиот закон може да го ограничи просторот за граѓанско дејствување, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на граѓаните на Црна Гора и да ја попречи критичката работа на независните медиуми кои ја известуваат јавноста врз основа на факти. Овие елементи се исклучително важни за сите демократски институции и системи“, стои во одговорот.
Коалицијата за иднината на Црна Гора (ЗБЦГ) на 9 октомври објави дека е неопходно итно да се предложи Закон за агенти на странско влијание во Црна Гора.
Со него, како што наведоа, би се регулирало „функционирањето на странските агенции кои под превезот на невладини се обидуваат да влијаат на внатрешната и надворешната политика“.
Коалицијата ја сочинуваат проруските партии на поранешниот Демократски фронт (ДФ) - Нова српска демократија на Андрија Мандиќ и Демократската народна партија на Милан Кнежевиќ.
Андрија Мандиќ е претседател на Парламентот на Црна Гора.
Видете и ова: Девет невладини организации во Грузија ставени во регистарот на „странски агенти“Од Амбасадата на САД во Подгорица за РСЕ изјавија дека не ги виделе деталите за предлогот на коалицијата ЗБЦГ за Законот за странски агенти и дека не можат да коментираат за наводните сличности со Законот за регистрација на странски агенти на САД (ФАРА) од 1938 година, на кој се повикува коалицијата.
Барањето на дел од парламентарното мнозинство во Црна Гора за воведување на Законот за странски агенти, невладините и опозицијата го оценија како сериозна закана за демократијата и евроинтеграциите.
За оваа иницијатива, партиите на Демократскиот фронт не добија поддршка од другите партии со кои се на власт, Демократите и Движењето Европа сега (ПЕС) на премиерот Спајиќ.
Демократите оценија дека „не е добра“, додека ПЕС изјави дека ги наследуваат „стандардите на ЕУ за демократија и посветеност за членство во НАТО“.
Опозицијата остро го критикуваше соопштението на партиите од поранешниот Демократски фронт.
Таков закон постои во Русија и Грузија, а негови варијации има во други земји како Белорусија и Словачка.
Поради него, евроинтеграцискиот процес на Грузија беше практично прекинат.