Ердоган во Белград: Односите меѓу Турција и Србија се во „златно доба“

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 11 октомври 2024.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во Белград за време на заедничкото обраќање со српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека односите меѓу Србија и Турција се во „златно доба“.

„Ја подвлековме важноста на мирот и стабилноста на Балканот и многу е важно да се има здрав разум во пристапот кога станува збор за тензиите меѓу Србија и Косово. Уште еднаш ја потврдивме нашата решителост да ја заштитиме стабилноста во Босна и Херцеговина и мислам дека Србија ќе има конструктивна улога во тоа“, рече Ердоган.

Според изјавата на турскиот претседател, се зборувало и за војната во Украина и на Блискиот Исток.

„Го поддржуваме територијалниот суверенитет и интегритет на Украина и нашите напори за воспоставување траен мир ќе продолжат“, рече Ердоган.

Двајцата претседатели најавија соработка во наменската индустрија.

„Имаме идеи за тоа што ни треба од Турција и идеи за тоа што можеме заедно да развиеме“, изјави српскиот претседател Вучиќ.

Според него, разговарале за сите важни геополитички теми, како и за проблемите со кои се соочуваат двете земји.

„Турција и Србија имаат добри економски односи. Тројно ја зголемивме трговската размена во споредба со онаа пред неколку години“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Ердоган во посета на Албанија

Ердоган се сретна со Вучиќ во Белград за време на неговата дводневна посета на Србија.

Покрај средбата меѓу двајцата претседатели, се одржа и четвртата седница на Високиот совет за соработка меѓу Србија и Турција.

Двајцата претседатели ќе учествуваат и на бизнис форумот Србија-Турција.

Од 2017 година до сега, ова е четврта посета на турскиот претседател во Србија, кој пред Белград ја посети Тирана.