Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон сѐ уште работи на спречување на голема војна на Блискиот Исток и го повика Израел да ги заштити цивилите откако 22 лица беа убиени во напади во центарот на Бејрут, јавува новинската агенција Ројтерс.
Изјавата доаѓа еден ден откако во израелските воздушни напади беа погодени две згради во Бејрут, од кои едната целосно се урна.
„Продолжуваме интензивно да се ангажираме за да спречиме поширок конфликт во регионот“, изјави Блинкен за новинарите по самитот во Источна Азија во Лаос, додавајќи дека е „од витално значење“ Израел да обезбеди заштита на цивилите за време на конфликтот.
Видете и ова: Еден избегнат атентат и 22 загинати во израелски напад на БејрутСпоред либански извори, најмалку еден висок функционер на Хезболах бил цел на третиот напад врз Бејрут, откако Израел минатиот месец започна воена кампања во јужен Либан против иранскиот сојузник Хезболах, што предизвика страв од сеопфатна регионална војна.
Хезболах е милитантната група и политичка партија, прогласена за терористичка организација од страна на САД, додека Европската унија го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и партијата што има членови во либанскиот парламент.
Телевизијата Ал-Манар, која е во сопственост на Хезболах, по нападот објави дека обидот за атентат врз Вафик Сафа, највисокиот безбедносен функционер на групата, не успеал. Се вели дека Сафа не бил во ниту една од целните згради.
Сафа ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах, одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, изјавија безбедносни извори.
Во меѓувреме, Хезболах продолжи со истрели на ракети врз Израел на 10 октомври, а израелските одбранбени сили соопштија дека биле пресретнати неколку беспилотни летала кои се движеле кон Израел.
Видете и ова: ОН: Израелските акции во Газа се потенцијални злосторства против човештвотоПретходно, на 10 октомври, во израелски напад врз училиште во Појасот Газа загинаа најмалку 27 лица, соопштија палестинските медицински претставници.
Израелската војска соопшти дека извршила „прецизен удар на терористите“ кои имале командно-контролен центар вграден во училиштето.
„Ова е уште еден пример за систематска злоупотреба на цивилната инфраструктура од страна на терористичката организација Хамас што го крши меѓународното право“, се вели во соопштението на израелската армија.
Палестинската милитантна група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, ги отфрли ваквите обвинувања. Луѓето кои се засолниле во училиштето велат дека во нападот била погодена група хуманитарни работници. Повредени се 54 лица.