Најмалку четворица цивили, од кои една тинејџерка, беа убиени, а 10 беа ранети рано утрово (11 октомври) во напад на руски балистички ракети врз јужниот украински регион Одеса, соопшти гувернерот Олех Кипер на платформата Телеграм.
„Двокатната зграда во која живееле и работеле цивили е уништена. Четворица беа извлечени од под урнатините, но уште три беа пронајдени мртви, 43-годишна жена, 22-годишен маж и 16-годишна девојка“, рече Кипер, додавајќи дека четвртата жртва, жена, подоцна починала од повредите, а уште четири лица се во тешка состојба во болница.
Одеса, главниот центар за извоз на жито на Украина, беше постојано напаѓан од руските сили од почетокот на војната.
И градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека главниот град бил цел на руски беспилотни летала рано утрово.
Воената администрација на украинската престолнина подоцна на Телеграм објави дека се соборени сите беспилотни летала, без да го прецизира нивниот број.
Вооружените украински сили се бореа со руските војници во стратешката точка, градот Торецк во источниот регион Доњецк, откако минатата недела го напуштија Вухледар, уште еден стратешки центар во регионот.
Видете и ова: Тензични времиња за Украина, се зголемува притисокот на бојното полеВо изминатите 24 часа руските сили извршија нови напади во околината на Времивка, Харкив, Купјанск и Сиверск, соопшти Генералштабот на украинската армија денеска.
Руските вооружени сили редовно ги напаѓаат украинските региони, особено областа Харкив, користејќи различни видови оружје како беспилотни летала за напад и противвоздушни ракети.
Раководството на Русија негира дека руската армија извршува целни напади врз цивилната инфраструктура на градовите и селата во Украина, при што убива цивили и уништува болници, училишта, градинки, енергетски и други објекти.
Украинските власти и меѓународните организации ги квалификуваат овие напади како воени злосторства извршени од Руската Федерација.