Украинската новинарка Викторија Рошчина, која исчезнала на териториите окупирани од Русија, е потврдено дека починала во руско заробеништво, објавија украинските власти на 10 октомври.
Веста ја потврди Петро Јаценко, претставник на украинскиот Координативен штаб за третман на воени затвореници, по внатрешна истрага за нејзиното исчезнување.
„Спроведовме внатрешна истрага и за жал, информациите за смртта на Викторија се потврдени“, рече Јаценко.
„Меѓутоа, околностите околу смртта на Рошчина остануваат нејасни и се уште се истражуваат“, додаде тој.
Рошчина, хонорарна новинарка која претходно соработувала со Радио Слободна Европа (РСЕ) и други истакнати украински медиуми, исчезна на почетокот на август 2023 година.
Таа отпатувала од Украина во Полска на 27 јули 2023 година пред да се упати кон териториите окупирани од Русија во источна Украина, според нејзиниот татко, Володимир Рошчин.
Нејзината последна позната комуникација со јавноста беше на 3 август 2023 година. Таа тогаш изјави дека поминала низ неколкудневни гранични контроли, но не кажа каде точно се наоѓа.
Видете и ова: Исчезната украинска новинарка пронајдена во притвор во РусијаЈаценко откри дека се прават напори да се обезбеди ослободување на Рошчина од руското заробеништво, каде што била држена заедно со најмалку 25 други украински новинари. Овие новинари се или приведени или исчезнати во областите под контрола на Русија.
Андриј Јусов од Украинското воено разузнавање потврди дека Рошчина била избрана за размена на затвореници, а според најновите ажурирања таа била префрлена од Таганрог, руски град во близина на украинската граница, во притворниот центар Лефортово во Москва како подготовка за нејзиното ослободување.
Украинските власти сега се обидуваат да разберат што се случило при овој трансфер.
Случајот на Рошчина ги истакнува опасностите со кои се соочуваат новинарите кои известуваат во воените зони. Според Репортери без граници (РСФ), повеќе од 100 украински и странски новинари биле директно погодени од руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година.
Неколку украински новинари остануваат приведени или исчезнати на териториите окупирани од Русија во Украина.
Рошчина од самиот почеток ја покриваше целосната руска инвазија на Украина. Во март 2022 година, новинарката беше приведен од ФСБ во окупираниот Бердјанск. Таа беше ослободена 10 дена подоцна.
Викторија Рошчина соработуваше со порталот Украинска Правда, како и Меѓународната фондација за жени кои работат во медиумите (IWMF).