Српскиот парламент не го прифати предлогот за забрана на ископ на литиум

Србија - Седница на Собранието на Србија, 7 октомври 2024 година.

Собранието на Србија со мнозинство гласови го отфрли предлогот на опозицијата за изменување и дополнување на Законот за рударски и геолошки заводи, со кои опозицијата бараше забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор.

Од присутните 214 пратеници, 84 гласале „за“, 128 гласале „против“, додека двајца пратеници не гласале.

Пратениците во српското Собрание четири дена расправаа за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за рударско-геолошки истражувања, што го предложија 86 пратеници од опозицијата.

Српската влада летово го обнови планот на меѓународниот рударски гигант Рио Тинто за отворање рудник за литиум во долината Јадра во западна Србија, иако пред две години, под притисок на еколошките протести, проектот беше прекинат.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, во расправата од претходните денови рече дека не слушнала никакви аргументи зошто опозицијата бара однапред забрана за истражување и експлоатација на литиум и бор кога компанијата не ја заврши студијата за влијанието на тој рудник врз животната средина.

Брнабиќ тврди дека рудникот нема да се отвори додека студијата не покаже дали е опасен за животната средина и ја обвини опозицијата дека го „политизира“ проектот.

Видете и ова: Вучиќ: Предложениот закон за забрана за ископ на литиум е „неписмен и глупав“


Пратениците од опозицијата, кои бараат забрана за ископ на литиум, укажаа на негативните последици по животната средина доколку се отвори рудникот и ги обвинија властите дека се „промотори“ на Рио Тинто.

Во претходните месеци протести против отворањето на рудници за литиум беа организирани во десетици градови низ Србија.

Дел од граѓаните и еколошките активисти се против експлоатација на литиум и бор поради, како што наведоа, голем ризик за животната средина.

Рио Тинто претходно во одговор за Радио Слободна Европа изјави дека „домашни и меѓународни експерти потврдија дека проектот Јадар може да се реализира безбедно и во согласност со највисоките стандарди за заштита на животната средина“.

Сепак, бројни експерти од Србија и од странство посочуваат дека во процесот на експлоатација на литиумот неминовно има и еколошки последици, пред се загадување на речниот слив и на земјиштето.

Активистите во Србија потсетуваат и дека во текот на својата долга историја компанијата Рио Тинто се соочила со неколку обвинувања за уништување на животната средина или за кршење на човековите права.