Украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше на 10 октомври со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, како дел од напорите за обезбедување дополнителна воена и финансиска помош за Украина.
Европската турнеја на Зеленски и посетата на Франција доаѓа во време кога Киев се соочува со немилосрдни секојдневни воздушни напади и жестока руска офанзива на исток, која постепено напредува.
Зеленски се состана со Макрон по разговорите во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој минатата недела беше во Киев.
Зеленски на мрежата Икс (поранешен Твитер) напиша дека на состанокот со Стармер и Руте ги „изнел деталите“ од неговиот план за пораз на руските сили и додаде дека тој и другите лидери се согласиле да работат на планот заедно.
Зеленски кажа и дека разговарале за трансатлантска соработка и за дополнително воено зајакнување на Украина. Тој не даде детали, но рече дека „ова се чекорите што ќе создадат најдобри услови за враќање на праведен мир“.
Прес-службата на Зеленски соопшти дека тој ќе започне преговори „со клучните партнери од кои зависи воената компонента на нашето зајакнување“.
Портпаролот на Стармер им рече на новинарите дека британскиот премиер „ќе ја повтори железната поддршка на Обединетото Кралство за Украина во тековната руска агресија“.
Украинскиот лидер исто така треба да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, а потоа да отпатува во Рим на средби со италијанската премиерка Џорџа Мелони на 10 октомври и со папата Франциск во Ватикан на 11 октомври.
Зеленски на 11 октомври треба да замине во Германија на консултации со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Инаку Зеленски на 9 октомври присуствуваше на самитот со балканските лидери во Хрватска, каде што ја истакна важноста на европското единство за траен мир.
Учесниците на самитот донесоа декларација со која се осудува руската агресија врз Украина се поддржуваат мировните напори на Зеленски, членството на Украина во НАТО и нејзината реконструкција по војната.