Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган е во посета на Албанија. Ердоган денеска (10 октомври) беше примен од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Подоцна, Ердоган ќе се сретне со премиерот Еди Рама за време на неговата посета на Тирана. Потоа ќе се одржи состанок на високиот албанско-турски совет за соработка, а на крајот се очекува да бидат потпишани неколку договори поврзани со образованието, земјоделството и медиумите.
Договорот за формирање на овој Совет беше потпишан во јануари 2021 година, додека првиот состанок се одржа во февруари годинава. Шест договори и меморандуми за разбирање беа потпишани во Анкара за време на посетата на премиерот Еди Рама на 20 февруари во областа на животната средина, земјоделството, медиумите и војската.
Министерот за одбрана Нико Пелеши во март годинава за време на говорот во Парламентот рече дека Турција е земја „со која имаме интензивна соработка на полето на безбедноста, одбраната и цивилните вонредни состојби“.
Тој најави дека во моментов се реализира поддршката на грант од 100 милиони турски лири за модернизација на вооружените сили, а со овој договор се обезбедени и три беспилотни летала „Бајрактар“.
Видете и ова: Косово не може да ги користи беспилотните летала Бајрактар без одобрение на КФОРОд доаѓањето на власт на Социјалистичката партија, премиерот Рама ја опиша Турција како стратешки партнер и изјави дека соработката меѓу двете земји ќе достигне досега непознати нивоа.
Турција е меѓу најголемите инвеститори во Албанија со околу 3,7 милијарди евра, додека повеќе од 15 000 Албанци се вработени во 830 турски компании кои работат во Албанија.
Свеченото отворање на Намазѓа џамијата ќе се одржи попладне, пред 17:00 часот. Изградбата на џамијата започна во 2015 година, а темелите ги постави турскиот претседател Ердоган.
Видете и ова: Отворена нова база на НАТО во АлбанијаНа оваа важна церемонија за муслиманските верници нема да учествува поглаварот на албанската муслиманска заедница Бујар Спахиу, а нема да учествуваат ниту други лидери. Заедницата ќе ја претставува муфтијата на Тирана Газменд Теќја, кој ќе биде и поглавар на џамијата Намазѓа.
Намазѓа џамијата има површина од 10 000 метри квадратни и капацитет за 5000 верници. Нејзината изградба траеше 9 години.