Украинскиот претседател Володимир Зеленски е подготвен да започне турнеја низ неколку европски сојузници на Киев во обид да обезбеди дополнителна воена и финансиска помош за Украина додека таа се соочува со немилосрдни секојдневни воздушни напади и жестока руска офанзива на исток, којашто постепено напредува.
Патувањето на Зеленски, кое треба да започне на 10 октомври со средби во Лондон со британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, доаѓа откако на кратко беше откажан самитот на групата Рамштајн на главните поддржувачи на Украина.
Прес-службата на Зеленски соопшти дека тој ќе започне преговори „со клучните партнери од кои зависи воената компонента на нашето зајакнување“.
Портпаролот на Стармер им изјави на новинарите дека британскиот премиер „ќе ја повтори поддршката на Обединетото Кралство за Украина наспроти тековната руска агресија“.
Украинскиот лидер исто така треба да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, а потоа да отпатува во Рим на средби со италијанскиот премиер Џорџа Мелони на 10 октомври и папата Франциск во Ватикан на 11 октомври.
Видете и ова: Зеленски во Дубровник - Стабилноста на Европа зависи од случувањата на Балканот и во УкраинаСостанокот на Макрон со Зеленски „ќе му даде можност на претседателот да ја потврди решеноста на Франција да продолжи да ја поддржува, на долг рок и со сите свои сојузници, Украина и украинскиот народ“, се вели во соопштението од Кабинетот на францускиот претседател.
Зеленски потоа треба да замине во Германија на консултации со канцеларот Олаф Шолц на 11 октомври.
Самитот на групата Рамштајн планиран за 12 октомври, како и таканаречената четворна средба на САД, Велика Британија, Франција и Германија за разговори за Украина, беа одложени откако американскиот претседател Џо Бајден го откажа своето патување во Европа поради опасноста од ураганот Милтон.
Зеленски се обидува да обезбеди што е можно повеќе воена и финансиска помош пред претседателските избори во САД следниот месец.
Видете и ова: Зеленски ќе им го претстави „планот за победа“ на сојузницитеСоединетите Држави беа главниот поддржувач на Украина и убедливо главниот придонесувач во однос на финансиската и воената помош, но победата на Доналд Трамп на изборите може да фрли сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.
Инаку Зеленски на 9-ти октомври присуствуваше на самитот со балканските лидери во Хрватска, каде што ја истакна важноста на европското единство за траен мир.
Учесниците на самитот донесоа декларација со која се осудува руската агресија врз Украина се поддржуваат мировните напори на Зеленски, членството на Украина во НАТО и нејзината реконструкција по војната.
Во меѓувреме, регионалните власти објавија дека руските сили ги гранатирале украинските региони Дњепропетровск и Запорожје, при што биле ранети неколку луѓе.