Белоруските власти конфискувале куќа на директор на телевизија означена како „екстремистичка“

Алексеј Џикавитски

Белоруските власти ја запленија куќата на Алексеј Џикавитски, вршител на должноста директор на телевизија Белсат, независен белоруски информативен канал, со седиште во Полска.

Куќата, која се наоѓа во областа Пинск во западна Белорусија, ја изградил дедото на Џикавитски, кој го преживеал советскиот Гулаг пред речиси еден век.

Запленувањето на имотот означува уште еден чин на репресија под режимот на белорускиот моќник Александр Лукашенка, кој го засили притисокот врз опозициските фигури и независните медиуми во последниве години.

Џикавитски, кој живее во Полска, добил официјално известување од Истражниот комитет на Белорусија во кое се наведува дека неговата семејна куќа е запленета.

„Ниту сталинистичките власти не ја одзедоа куќата што дедо ми, означен како „непријател на народот“, ја изгради пред да биде испратен во гулаг“, рече Џикавитски.

Видете и ова: Човечката цена на уништувањето на независните медиуми во Белорусија

Неговите баба и дедо еднаш дури дозволиле куќата да се користи како училиште за локалните деца пред да се формира формално училиште во селото.

Прецизните правни основи за конфискацијата остануваат нејасни, но телевизијата Белсат беше означена како „екстремистичка организација“ од режимот на Лукашенка, а владата има историја на таргетирање поединци поврзани со опозицијата.

Законот потпишан од Лукашенка во јануари 2023 година дозволува конфискација на имот од граѓани и организации кои се занимаваат со таканаречени непријателски акции против Белорусија. Законот се користи за да се оправдаат запленувања на имот од истакнати опозициски фигури, вклучувајќи ги Свјетлана Циханускаја, Валер Цапкала и други дисиденти.

Ситуацијата околу домот на Џикавитски ја истакнува тековната репресија врз медиумските фигури и активисти во Белорусија, додека Лукашенка ја покажува контролата врз власта.