Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше нападнат од Западот поради неговиот често пријателски став кон Русија, смета дека Украина не може да ја добие војната со Русија и повторно вршеше притисок за преговори, дури и кога унгарската опозиција ја прекина неговата прес-конференција во Европскиот парламент (ЕП) во Стразбур.
„Ние не сакаме да блокираме ништо. Само сакаме да ги убедиме европските лидери да ја променат својата стратегија [во однос на Украина] бидејќи сегашната стратегија не функционира“, рече Орбан пред новинарите на 8 октомври.
„Ако не можете да победите на бојното поле, мора да комуницирате, мора да преговарате, мора да имате прекин на огнот“, додаде унгарскиот премиер.
Орбан отпатува во ЕП во Стразбур за утре (9 октомври) да се обрати пред парламентот по повод шестмесечното ротирачко претседателство со ЕУ, кое во моментов е во рацете на Унгарија.
Популистичката влада на Орбан ги задржа врските со Москва и покрај целосната инвазија на Русија врз Украина која започна во февруари 2022 година. Орбан се спротивстави на помошта за Киев, а ја налути ЕУ и со неговото авторитарно владеење и врските со Кина.
Неговата прес-конференција ја прекина Мартон Гјекицки, активист и градски советник од редовите на унгарската опозициска Демократска коалиција (ДК), фрлајќи куп банкноти кон премиерот.
„За колку ја распродадовте државата? За колку ја предадовте државата, господине премиере? Тој му се распродаде на [рускиот претседател Владимир] Путин. Тој му се распродаде на [кинескиот лидер] Кси Џинпинг!“, извикуваше Гјекицки.
На видеото објавено на интернет, се гледа како Гјекицки му приоѓа на Орбан пред да биде отстранет од салата.
На прес-конференцијата Орбан, исто така, рече дека доколку на изборите во САД победи републиканскиот претседателски кандидат во САД, Доналд Трамп, нема да чека до инаугурација на 20 јануари, туку веднаш ќе почне да работи на мировен договор за Украина.
Видете и ова: Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и СофијаЛидерите на ЕУ, порача унгарскиот премиер, треба да бидат подготвени на тоа.
И според законот и според традицијата, новоизбраните претседатели на САД не се ангажираат во поставувањето владини политики пред официјално да ја преземат функцијата.
Орбан долго време го поддржува Трамп, за кој критичарите велат дека ќе се обиде да ја принуди Украина да се согласи со условите на Русија кои се неприфатливи за Киев.