Русија да престане со своите „провокации и обиди за дестабилизација“ на Молдавија пред клучните претседателски избори и референдумот, е предупредувањето кое се испраќа до Кремљ во нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент.
Исто така, со документот се повикуваат земјите-членки на ЕУ да му ја дадат на Кишињев „целата потребна помош“ за да се спротивстави на дезинформациите на Москва.
Резолуцијата, исто така, ја повикува ЕУ да воведе дополнителни санкции за поединци и субјекти „одговорни за поддршка или за спроведување дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат суверенитетот и независноста на Република Молдавија“.
Прозападната претседателка на Молдавија, Маја Санду, се кандидира за нов мандат на изборите закажани за 20 октомври, а Молдавците истиот датум ќе гласаат и на референдум за пристапување во Европската Унија (ЕУ).
Видете и ова: Во заклучоците за самитот, ЕУ силно ги поддржува Украина, Молдавија и ја осудува ГрузијаТоа се смета за клучен момент за иднината на една од најсиромашните земји во Европа, каде што Русија сè уште има огромно влијание и има повеќе од 1.000 војници во сепаратистичкиот регион Придњестровје, 33 години откако Кишињев прогласи независност од Советскиот Сојуз.
За време на мандатот на претседателката Санду, која дојде на власт во 2020 поразувајќи го тогашниот претседател поддржан од Русија – Игор Додон, Молдавија се сврте кон Западот, ја осуди инвазијата на Москва врз Украина и се приклучи на санкциите на ЕУ против Кремљ.
Молдавија обезбеди кандидатски статус за членство во ЕУ во јуни 2022 година и ги отвори преговорите за членство на почетокот од оваа година. Ваквите потези ја поттикнаа Русија да ги засили напорите да го поткопа кредибилитетот на молдавската влада и да ја прикаже Москва како подобра алтернатива за иднината на Кишињев.
Во примерок од нацрт-резолуцијата во која РСЕ имаше увид, Европскиот парламент наведува дека „најостро ја осудува ескалацијата на злонамерните активности, мешањето и хибридните операции од страна на Руската Федерација, проруските олигарси и руските спонзорирани локални актери со цел поткопување на изборните процеси, безбедноста, суверенитет и демократските основи на Република Молдавија“.
Во документот се повторува повикот на ЕУ до Москва „да ги почитува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија и да престане со провокациите и обидите за дестабилизација на земјата и поткопување на нејзиниот уставен поредок и демократските институции“.
Видете и ова: Молдавија ја обвини Москва во бранот вандализам во пресрет на изборитеИсто така, ЕП ја повикува Москва да ги повлече своите трупи од Приднестровје и да поддржи мирно решение на конфликтот меѓу Кишињев и сепаратистите поддржани од Москва. Истовремено, со нацрт-резолуцијата се повикува и на политиката за „посилна соработка во безбедноста и одбраната“ меѓу ЕУ и Молдавија, првата земја што потпиша безбедносно и одбранбено партнерство со Унијата.
Со нацрт-резолуцијата се поздравуваат и реформите спроведени од актуелната влада и се повикува ЕУ да помогне „да се изврши притисок врз платформите на социјалните медиуми за Молдавија ефективно да се справи со дезинформациите“ и да и се обезбеди „поконзистентна поддршка“ во нејзините напори за пристапување во ЕУ.
Гласањето за необврзувачката резолуција во Европскиот парламент ќе се одржи на 8 или 9 октомври по завршувањето на дебатата за овие теми.