Заврши сведочењето на малолетникот кој го изврши масовното убиство во „Рибникар“

Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.

Малолетниот К. К, кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, заврши со сведочењето во Специјалниот суд на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Судскиот процес беше затворен за јавноста, а К.К. по првпат од убиството беше изнесен надвор од медицинската установа каде што е сместен.

Тој одговараше на прашањата на обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на жртвите.

Адвокатот на семејствата на убиените, Огњен Божовиќ, по рочиштето за медиумите изјави дека сведочењето на малолетниот К.К. оди „во правец на осудителна пресуда“.

„Ова беше едно од најстрашните судења на кои сум присуствувал во кариерата. Беше многу тешко“, изјави Божовиќ.

Видете и ова: Малолетникот кој уби соученици во „Рибникар“ сведок на судењето на неговите родители

Тој додаде дека на рочиштето биле поставени прашања со цел да се утврди мотивот и зошто се случило кривичното дело.

„Останува да видиме дали ќе се најдат дополнителни детали за евентуални дополнителни обвиненија“, оцени Божовиќ.

Тој најави дека сослушувањето на К.К. ќе продолжи на 17 октомври во зградата на Специјалниот суд.

Адвокатката на семејството Кечмановиќ, Ирина Боровиќ, по рочиштето изјави дека во ниту една постапка нема да се дознаат причините поради кои се случило масовното убиство.

„Тие причини очигледно се некаде длабоко во душата на момчето кое, за жал, го направи сето ова, и кое живееше нормален живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Боровиќ.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училиштен чувар. Тој рани уште пет ученици и една наставничка.

Видете и ова: Започна судењето за масовното убиство во основно училиште во Белград, родителите на малолетникот негираа вина

Во ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинети се и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик учел да пука со својот татко.

Малолетникот не може да одговара кривично пред судовите во Србија бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.