Европската унија (ЕУ) не е целосна без земјите од Западен Балкан, е заедничката порака на претседателите на земјите од регионот од самитот Брдо-Бриони што се одржа денеска, 8 октомври, во Тиват, Црна Гора.
На прес-конференцијата по пленарната седница, која беше затворена за јавноста, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој е домаќин на средбата, рече дека долгорочната стабилност на регионот подразбира и добрососедски односи.
„Со разнишаниот светски поредок и растечката глобална нестабилност, лидерите на Западен Балкан се свесни за политичкиот момент и новиот прозорец во ЕУ кога станува збор за проширувањето. Ние сме подготвени уште посилно да ја искористиме оваа можност“, рече Милатовиќ.
Видете и ова: ЕУ ја поддржува слободната трговија со стоки низ Западен БалканТој рече дека очекува напредокот на Црна Гора кон ЕУ да биде поттик и за другите земји.
„ЕУ не е само потреба и декларирана цел, туку геополитички и морален императив.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека вредноста на Самитот Брдо-Бриони „е тоа што земјите, од кои некои не се признаваат меѓусебно, комуницираат на овие состаноци“.
Србија и Босна и Херцеговина не го признаа Косово, кое прогласи независност во 2008 година.
Милановиќ истакна дека задачата на Хрватска и Словенија, кои се во ЕУ, е да ги охрабрат земјите од Западен Балкан да не попуштаат на патот кон членство во Унијата, наведувајќи дека ЕУ е инертен систем.
„Постои инертност и слабост на ЕУ во глобалната конкуренција со посилните и побескрупулозни играчи. А тоа се САД и државите од БРИКС, односно Русија, Кина, Индија … Односно, тие што не не сакаат“, рече тој.
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека Словенија и Хрватска интензивно го поддржуваат процесот на европска интеграција на Балканот:
„Црна Гора постигна најголем напредок и има најдобра перспектива за наскоро пристапување во ЕУ“.
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, порача дека Процесот Брдо-Бриони ќе биде успешен кога целиот регион ќе стане дел од ЕУ.
„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече Сиљановска Давкова.
Српскиот претседател Александар Вучиќ не присуствуваше на пленарниот дел од самитот, но подоцна им се придружи на учесниците.
Видете и ова: Албанија напред, Северна Македонија стои на патот кон ЕУТема на Самитот во Тиват е подобрување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и членките на Европската Унија.
На самитот присуствуваат претседателите на Хрватска, Албанија и Србија – Зоран Милановиќ, Бајрам Бегај и Александар Вучиќ; претседателките на Словенија, Северна Македонија и Косово – Наташа Пирц Мусар, Гордана Сиљановска-Давкова и Вјоса Османи; како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.
Процесот Брдо-Бриони е словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година со цел да се зајакне довербата и да им се помогне на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.
На првиот ден од самитот на 7 октомври, повеќето од учесниците го посетија Котор, каде во нивна чест морнарицата изведе традиционална патека на градскиот плоштад.
Котор е еден од најдобро зачуваните средновековни градови на Медитеранот, додека Тиват е летно одморалиште со луксузна марина, Порто Монтенегро. И двете се наоѓаат во Которскиот залив.