Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска (8 октомври) во Будимпешта, во име на Владата го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка.
Кредитот е во висина од 500 милиони евра и според власта е по поволни услови – со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од три години и каматна стапка од 3,25 проценти.
„Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6 проценти и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра“, посочила Димитриевска-Кочоска, пренесува МИА.
Видете и ова: Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договоротПарите од кредитот се очекува Северна Македонија да ги добие до крајот на неделата. Владата планира половина од парите да се трошат за проекти во општините, додека другата да биде за заеми за компаниите.
Додека власта смета дека ваквиот билатерален заем се зема по поволни услови, опозицискиот СДСМ обвинува дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а и се сомнева дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, за време на посетата на Северна Македонија на 26 и 27 септември, негираше поврзаност со Кина.
Видете и ова: Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија„Кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, рече Орбан на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Двајцата премиери го договорија кредитот на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава, а Законот за заем беше изгласан во Собранието на Северна Македонија на 17 септември.