Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) иницира да се формира Комисија за стручен надзор за смртта на 14-месечното бебе на Клиниката за детски болести во Скопје.
Ова следува откако ДСЗИ направи вонреден инспекциски надзор во трите здравствени установи каде било третирано детето – Клиниката за детски болести, Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и во ординацијата кај матичниот лекар.
Бебето почина во утринските часови на 5 октомври во Клиниката за детски болести, по што родителите јавно реагираа за несоодветен третман.
Во извештајот што денеска (8 октомври) го објави ДЗСИ од вонредниот надзор, се наведува дека тоа два пати било носено на Детската клиника пред да биде хоспитализирано.
Првично, на 30 септември со симптоми на повраќање било однесено кај матичниот лекар, кој констатирал дека тоа нема температура, но му е зацрвенето грлото. Истиот ден, родителите го однеле и на Детската клиника бидејќи продолжило со повраќање. Таму дежурниот лекар специјалист ја потврдил дијагнозата од матичниот и им рекол да дојдат на контрола следниот ден или по потреба во секое време.
Видете и ова: Таравари потврди дека починатото бебе било одбиено за хоспитализација
Следното одење на лекар било на 3 октомври кај матичниот лекар кога бебето повраќало и било малаксано. Матичниот издал итен упат за Детската клиника каде му биле направени лабораториски анализи, по што било вратено на домашно лекување.
„По добивање на резултатите повторно било прегледано од специјалист педијатар и дополнително биле издадени упати за лабораторија и за РТГ дијагностика. При преглед наод на везикуларно дишење со пропратен наод на бронхитични хркулки обострано. РТГ наодот покажува нагласен броховаскуларен цртеж билатерално, хипобазално и корелира со аускултаторниот наод. Ординирана и терапија и пратено на домашно лекување“, пишува во извештајот на ДСЗИ.
Наредниот ден, 4 октомври, родителите самоиницијативно го однеле во „Козле“ каде лекарите го задржале на лекување и направиле неколку испитувања.
Состојбата му се влошила и било префрлено на интензивна нега, но поради влошување во текот на ноќта било пренесено на Детската клиника.
Еден час по префрлањето на Детската клиника, и покрај обидите за реанимација бебето починало.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека бебето било одбиено за хоспитализација и порача дека одговорност за овој случај треба да има.
„Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денеска да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сè во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, рече Таравари.